Saturday, October 30, 2010

Кошулата на среќниот човек (Не-Блог колумна, LIFE магазин бр. 48)

Одамна се спремам да пишувам колумна за Скопје. Блоговска, урбана, смешна и тажна, цинична и автокритична, ама дефинитивно скопска колумна. Далеку од тоа дека не-блог ќе биде колумна само за Скопје, особено затоа што ја пишувам еден убав, свеж и сончев ден на мојата тераса со најубав поглед на Охридското Езеро, после еден исто толку прекрасен, дождлив и мирислив ден поминат во Слоештица кај Сергеј и Ирена. Како и да е, ова е скопска колумна од проста причина што е видена и почувствувана низ очите на  една скопјанка.

Во Слоештица велат дека си богат онолку колку што имаш сливи. За ракија. А во Скопје? Како мериш колку си богат? По тоа колку „пријатели“ имаш на „Фејсбук“?
Ја знаете приказната за царот кој оболел од чудна болест, болеста на незадоволството? Колку и да имал, што и да правел, царот бил болен од мака, просто се исушил. Дошле мудреците и лекарите, мудрувале што мудрувале, па го изнашле лекот. Царот треба да ја облече кошулата на најсреќниот човек на светот и ќе оздрави. Видел – не видел, испратил царот гласници низ царството да го бараат најсреќниот човек. Патувале тие надолж и нашироко, го измериле секое парченце од царството, но не нашле среќен човек. Секому по нешто му недостасувало, оти вирусот на незадоволството е подмолен и тежок. Враќајќи се назад, разочарани и уплашени, гласниците здогледале едно овчарче. Си лежело во тревата крај овците, си гледало во облачињата и си пеело од сѐ срце. Застанале овие, па го запрашале како живее, дали има пари, па среќен ли е? Овчарчето искрено си одговорило дека не е богат, ама не е ни сиромав, оти за јадење има, а цел ден си е на воздух и ужива. И да, тој за себе си мисли дека е најсреќниот човек на светот. Се израдувале царевите луѓе! Само една молба имаме за тебе, момче. Да ни ја дадеш кошулата, со азно ќе ја платиме. Се свртело момчето зачудено и одговорило: добри луѓе, та јас немам кошула!
Ние скопјаните, за жал, одамна сме ги заборавиле убавите работи. Како да уживаш во она што е од Господ (или од Природа, што би рекол Спиноза, Барух де) дадено. Не се качуваме ни на Водно повеќе, половина од нас Матка со очи не ја виделе (евентуално до „Мечкина дупка“ на кркање и назад), одиме в Охрид на одмор, а не знаеме каде е Вевчани... Во Скопје мислам дека си богат онолку колку што имаш време! Време за шетање, време за молчење, време за децата, за љубената личност, за самотија... време за уживање. Време да отидеш до Охрид и до Слоештица, да гo видиш Пелистер, или сите заштедени пари да ги дадеш за едно фантастично патување во Гондар, Етиопија. И токму затоа не-блог е и најскопска и не-скопска колумна, бидејќи Скопје не може да го „биде“ без сите други волшебни места.
Кога почнавме да го „преоблекуваме“ „LIFE“ и да му даваме нов живот, сфативме дека правецот во кој треба да го „поднасочиме“ за да биде токму она што сакаме е многу едноставен: „LIFE“ треба да биде магазин за животот во сите негови аспекти. Да дава друга перспектива на работите, личностите и настаните – онаа интимната, скриената страна. Да ги става во фокус работите кои ни значат, а можеби веќе сме ги подзаборавиле или не ги забележуваме. Во тој процес на исцртување, доцртување и дошминкување на магазинот, решивме дека секој број на „LIFE ќе обработува една тема. Темата, според нас - овој прекрасен, откачен, посебен тим неверојатни индивидуалци: пишувачи, фотографи, дизајнери – требаше да биде (филозофски и духовно, пред сѐ) суштинска за секого. И токму темата треба да е најтесно поврзана со она што го викаме „животен стил“ – во вистинската, есенцијалната, целосната смисла на зборот. Животен стил не е облека, шминка, храна или предмет. Не е „здрав“ или „нездрав“ живот, „водење љубов“ или „секс“, „Хард кор“ или „Емо“. Животен стил е филозофија на живеење, став, печат, тетоважа која не се брише. Тоа е она што нè дефинира како индивидуи, што нè прави она што сме.
Индивидуалноста е темата на „LIFE“  број 48. Премногу користена, филозофска, веќе видена? Без разлика, таа нè дефинира нас. Ги дефинира и луѓето за кои ние пишуваме: уметници, дизајнери, тату-артисти, политичари, писатели, музичари, спортски моделари, поети... Го дефинира, впрочем, и не-блог...

 Уште два-три збора за не-блог, прв и последен пат. Не-блог ќе дише со белите дробови на „моето“ Скопје. Ќе ги мириса октомвриските жолти лисја, дождот, ѓубрето од преполните, заборавени контејнери, мемливите подруми на старите згради на „Илинденска“ (нека ги има што подолго)... Ќе си кснува чкембе чорба со лукче во „Чамо“, полнети пиперки во „Гурманче“ на „Водњанска“, домашна ракија и наливно винце... Ќе сака палачинки, ќе сака природа, тесни стари улички, скришни места, јаболка и сливи од водњанските дворови... Ќе слуша „моја“ музика, вистински поп, како оној на Беј ДФиш, или вистински рап како оној на Легијата. Ќе сака добри луѓе и ќе мрази политика. Не-блог ќе го сака животот таков каков што е, убав, тажен, прекрасен... со или без кошула!

Фото: Билјана Црвенковска
Share