Ова е сосема градска песна
Мириса на улица
значи: мириса на смог, липи, ѓубре, мачешка мочка, женски јак парфем,
ракија, лук, чорба, скара, канализација, трули лисја, косена трева, дожд...
Ова е градска песна
има ритам
нема мелодија
има боја
нема композиција
има жаргон
нема реченица
ма дај, ова е тотално скопска песна!
[Она не функционира, на пример, за Битола
(со секоја должна почит кон градот на конзулите)].
Градска песна за градски луѓе
градска песна за градски парк
градска песна за градски улици?
Ма не, песна за Скопје.
Затоа мириса на скопска улица.
Липи на кеј.
Чорба у Чамо.
Ракија кај Буцко дома (после чорба у Чамо).
Журче у некое подрумче.
Литар кавадарка у паркче на клупиче.
Песна со многу Ч во неа, ете таква песна.
Ова е сосема градска песна. Скопска песна.
У неа ништо не се дешава,
она мириса на Скопје.