Wednesday, June 5, 2013

Дозвола за мајчинство

Абортус. Да, не, про, контра, секакви ставови околу ова од сите страни. Некои од нив на место, а некои немаат допирни точки со здравиот разум. Но тоа мислам дека не ме зачудува ни најмалку. 

Лично, морам да кажам дека не сум човек што оправдува абортус. Од проста причина што сум екстремен утопист па верувам дека луѓето по сите правила би требало да еволуираат (да им се развива свеста, да умеат да внимаваат во секоја прилика и да знаат што прават, па да бидат подготвени за некој чин или не...). За жал, тоа е класична утопија која нема врска со реалноста. Реалноста е друга, па токму затоа моето лично убедување не е применливо во пракса...

Според мене, не може (па дури и не треба) секој да има дете. Зар треба да има дете некое детиште на 16-17-18 што уште не знае дека се’ што лета не се јаде? Треба ли некој што уште не созреал да раѓа деца? 

А што правиме со оние што остануваат несовесни/неодговорни цел живот, па раѓаат деца и после ги оставаат на буниште. Или не им ни гајле малтене дали се живи, дали јаделе или не, дали се избањале и дали се облекле добро. Не се трудат да ги научат ни што е добро, а што зло. И да, вакви мајки постојат, верувале или не. И не се баш малку. Кај некои е тоа потзаскриено, кај други е и те како видливо. Како да ги спасиме неродените деца од ваква судбина?


Мислам дека можеби треба да се донесе еден друг закон. Задолжително тестирање за идните родители: ги бива ли или не да имаат деца! Да се пројдат куп психолошки тестови, да се провери дали се подобни или не, и да им се издаде дозвола. Па да не смее да раѓа ако нема дозвола за мајчинство. Еве една фина (анти)утопија!? 

Why not? Ќе спречиме така мнооогу работи. Ќе нема несреќни, истрауматизирани, напуштени деца.... Ќе нема акумулиран бес. Кој знае уште на што се’ ќе влијае позитивно ваквиот закон. 

Затоа, како што има советувалиште (брачно/предразводно) какво и да е, така ќе има и тест и дозвола за мајчинство/родителство. А ако забремени некој „по грешка“ без да има дозвола, најверојатно нема да му (и’) треба дозвола за абортус... 
Share