Wednesday, August 8, 2012

Авантура (исечок од еден претходен живот)


Првпат се сретнав со зборот авантура на моја три-четиригодишна возраст, но ја паметам таа средба, односно авантура, како да беше вчера. Ај што стварно беше авантура, но во детските очи (а и уши, ако се фатиме за самиот збор) целото искуство беше незаменливо и неповторливо.



Приказната се случува во Пржино, каде нашите кумови правеа „журка“ (можеби дури и да беше по повод раѓањето на нашето кумче Дамјан, но овој факт навистина не се задржал во сеќавањето). Сѐ друго е кристално јасно... Журка кaко журка, се слави, се пие, се смее, ама не оди мали деца да седат до доцна, па затоа тргнавме, јас (детето), мајка ми и тетка ми, да се прибeраме дома (што ќе рече во комшиско Водно). Се понуди Пепи, нашиот драг комшија, боем, уметник и познат „журкаџија“, да нѐ врати дома. Со неговата „Буба“, во тоа време сериозно симпатична кола.



И така, лудо вози Пепи по уличките низ Пржино. Вррр наваму, брррм натаму, оооопс, фаќа кривина... Тетка ми се стегнала, мајка ми ме грабнала, Пепи ужива... „Ко да се подизгубивме“, вика мајка ми. „Ма нема гајле“, одговара Пепи, и нагло врти во едно уличе. Брррм – и, пред нас бела ограда (слепо уличето). Иииик, нагло кочи „Бубата“ (или Пепи, како и да е). „Иииии“, вреснува тетка ми.



Во тој момент детето (т.е. јас) запраша со ококорени очи: „Што е ова?“ (мислејќи на оградата, или уличката, или на двете), на што Пепи одговори: „Ова? Е ова ти е авантура“.



Тоа беше мојата прва средба со зборот авантура.
Share