Friday, June 15, 2012

Skopje, I just don’t love you anymore


Првпат кога почувствував дека го отсакувам Скопје (онака, како во љубовна врска кога првпат ќе сконташ дека ја снемува страста) беше многу одамна. Кога ја извадија калдрмата од Водњанска и ја направија со две ленти, сечејќи ги дрвјата. Впрочем, мојата љубов кон Скопје започнува и завршува токму со Водњанска. Го отсакував мојот град како што пред сè ја отсакував Водњанска... вадењето на калдрмата, затворањето на ултра-автентичната берберница, на дуќанот кај што се правеа кори и јуфки (веднаш до берберницата), градењето на новите куќи... Она што остана автентично е училиштето (моето училиште) „Кочо Рацин“, „Гурманче“ - најубавото место со домашна кујна и бурекџилницата со најдобри симит погачи на светот, на ќошето карши „Државна“. Имаше моменти кога си мислев дека е добро што е проширена улицата, немаше веќе застој, поубаво се возеше, дрвјата пораснаа, ние пораснавме... Ама љубовта кон Скопје исчезнуваше како што градот го менуваше ликот.

Крајот на мојата љубовна романса со Скопје не започна (и не заврши) во 2011. Започна тогаш, со Водњанска, и заврши денес кога веќе ја нема Водњанска. Кога не нема нас. Лудилото со спомениците (не зборувам за новите фасади и некои од градбите бидејќи некои од нив и не ми ни пречат) беше само кулминација на една приказна која започна многу порано, во едно друго време. Во она време кое демек било фино. Во времето кога некои други од Господ (или од кој и да е нивниот Господ) испратени силници го е..а Дебар Маало, на пример. Тие од кои сè така убаво започна. Тие кои се и причина што после некој друг дојде да силува, уште поише, до балчак. Сите се криви. Да, сите ние сме криви. Не затоа што сме инертни сега, туку затоа што бевме опуштени тогаш. Сега љубовта ја нема, градот го нема, а и луѓето ги нема. We are so completely dead!!! Dead dead!!! И во пеколот, очигледно.

Да се потрудевме тогаш да ги сочуваме берберниците, лимунадџилниците, бурекџилниците, чајџилниците, тревниците, старите куќи и куќарки, како што е тоа нормално во цел свет и не смее да се пипне и да се помести ништо, може сега ќе бевме ОК. Можда и не. И преку „такво“ ми е да ве слушам како коментирате овој и оној споменик бил ставен , и ова и она се напраило, и гадно било и ужасно било... Е мене ми е ужасно одамна, ама премногу сте биле или слепи или мали да видите дека љубовната врска завршува, а градот што толку го сакавме се претворил во чудовиште.  

Моите деца (т.е. децата на драгиот) се во пред-тинејџерска возраст. Според нив ова е тоа Скопје и е најубаво и и’ се смеат на нашата носталгија по едно друго време, она од нашето детство. Кога, според нив, све било тапа затоа што имало стари и глупи коли, немало толку нови и убави згради, немало компјутери и единствена сапуница била „Династија“. Они си го сакаат овој град. Нека им го, им го оставам. Нека прават со него што сакаат. Нека прават што сакаат и со Водњанска. Ги молам само да не ми го пипаат „Кочо Рацин“ уште некое време, ако може. Skopje, I just don’t love you anymore, sorry. Goodbye…

3 comments:

  1. јас не сум приврзана за водњанска, некои други места што сега ги нема беа мои, ама баш вака се осеќам за скопје, ко тебе.

    ReplyDelete
  2. доста неблагодарно да ги фаворизираш своите причини за прекинување на љубовта, а на сметка на тоа да ги потценуваш туѓите. овој град не е/бил во врска само со тебе. инаку, и јас сум веќе тажна и резигнирана, единствено ме тешат некои млади љути кои сеуште не можат како нас да се помират со пропаѓањето на овој град.

    ReplyDelete
  3. баш пред некое време дискутиравме со весна како нашите деца ќе го гледаат градот и (не)естетиката на градот од која ние се згрозуваме. Претпоставката беше дека они само ова Скопје ќе го знаат и како такво ќе го сакаат. Сега ми ја потврди претпоставката.

    ReplyDelete

Share