Thursday, May 5, 2011

Интервју PMG Колектив, „ДЕЦА НА ДВА ВЕКА“ (LIFE магазин бр. 54 - н ескратена верзија)

ПМГ Колектив е бенд кој веќе шест години активно делува на македонската музичка сцена... Своевиден enfant terrible на авангардната организација PMG Collective - пионери на електронската сцена во Македонија, организатори на андерграунд журки и промотори на напредни идеи, и на издавачката куќа PMG Recordings која повеќе од десет години ја промовира алтернативната македонска музика



ПМГ Колектив е четиричлен бенд: Мирко Попов - вокал, Синиша Евтимов на гитара, Александар Гавровски Гачо на бас гитара и Здравко Кеврешан (Ian Straaf) на тапани. Зад себе имаат три албумски изданија „Резонатор“ (2007), „Пријателски оган“ (2008) и „Да 4“ (2010), а во мај месец излегува и нивниот четврти албум „А векот така добро започна (So Last Century)“. На 4-ти април излезе и првиот сингл од овој албум, насловен „Излези надвор“, кој е достапен за бесплатно симнување на www.pmgrecordings.com. За новиот албум, претстојната турнеја, идеите, ставовите и плановите поразговаравме со Мирко, Гачо и Синиша. Ни недостигаше уште ‘најновиот’ член на бендот, Ian Straaf, кој не успеа ни на кратко да побегне од ‘креативните подруми’ на адвертајзинг агенцијата во која си го заработува лебот.



Го издавате четвртиот по ред албум, кој звучи различно и позрело од претходните. Дали е ова природна прогресија, подефиниран звук, крајно ангажирани, лути текстови, нема веќе љубовни песни, нема „меки“ ставови..?

Мирко: Мислам дека со оглед на тоа дека ПМГ Колектив е бенд кој работи без престан од самиот почеток, сосема е логично да се очекува некоја константна музичка прогресија. Звукот на бендот е во постојана промена. Ако во првиот албум преовладуваше електронскиот дел, вториот беше некаде на средина – со електронски ритми, а сѐ друго рокерски, третиот се прекрши - половина од песните беа студиски, а половина свирени во живо, четвртиот албум е комплетно свирен во живо и верно го одразува звукот на бендот во овој момент. Oва е нашиот моментален манифест и мислам дека првпат се искристализира еден специфичен музички стил кој е карактеристичен за овој бенд и за оваа постава, како најблиска до оригиналната идеја за Пи-ем-џи.


Синиша: Сето тоа е „work in progress“.


Мирко: Токму така. Што се однесува до текстовите, тие се само одраз на она што ни се случува во моментот, огледало на нашата психичка состојба која е позатруена во однос на онаа пред пет години. Тогаш целата атмосфера во нашата земја беше полабава, не беше супер, но факт е дека земјата беше свежа во владеењето на една номенклатура. За овие пет години земјата се замори и сите сме многу понервозни, така што и текстовите делуваат помрачно и полуто. Не би сакал да ги опишувам моите текстови како поангажирани, затоа што не се, туку се само одраз на позицијата во која сум приморан да се најдам. Мислам дека моите ставови се многу послоевити од една обична ангажираност.


Синиша: Отсликување на духот на времето многу повеќе одошто ангажираност. Тие претставуваат еден ракурс на модерното живеење во Скопје. Да живеевме во Манчестер сигурно немаше да бидат вакви. Мислам дека се повеќе базирани на тоа каде живееме и на притисоците со кои секојдневно се соочуваме. Така гледам на нив, многу ми се блиски и емотивно ги доживувам. Секако не мислам дека се ангажирани, дека претендираат да кажат нешто подлабоко или пак да се бават со дневно-политички теми. Тие зборуваат за тоа кои сме ние.


Мирко: Да, и како се снаоѓаме во нашето секојдневие. Пораката, политичкиот, уметничкиот или религиозниот став во текстовите е многу приватен - приватна религија, приватен систем на вредности...




Споменавме дека новиот албум звучи посериозно во однос на претходните. Ако се потсетиме на оние коментари на почетокот дека сте несериозни, дека Мирко не знае да пее, дека си играте бенд... Како ќе одговорите на тие коментари денес?

Синиша: Ние никогаш не сме се сметале за несериозни, особено не кога станува збор за музиката. Можеме ние да бидеме несериозни во приватниот живот, но во однос на музиката сме крајно сериозни. Тоа што го правиме, барем мене лично многу ми значи, и секогаш сум приоѓал многу сериозно кон целата работа. Овој албум само покажува колку ние сме пораснале како бенд.


Гачо: Покажува колку сме биле сериозни на почетокот кога сите мислеле дека сме несериозни, кога јас свирев со едно прсте или Мирко на првиот концерт кога чувствувал кнедла во грлото. Евидентно кај нас работата тргна обратно, немаше класичен бенд кај што ние прво пет месеци ќе свириме во гаража па потоа ќе излезат песните, туку тргнавме со идеја да направиме песни, па се случи бендот, па на крај дојдоа настапите во живо.


Мирко: Ние дефинитивно не сме бенд што има одреден таргет на слушатели кои ги храниме со сребрено лажиче точно со она што тие сакаат да го слушнат. Обично луѓето ставаат маска на лицето за да може да ги кажат работите што сакаат да ги кажат ‘на раат’. Нашата ‘несериозност’ најверојатно е нашата маска, но тоа е помалку важно. Важно е дека секогаш сме го кажувале она што сакаме да го кажеме. Љубовните песни не се помалку сериозни од овие теми. Со иста сериозност приоѓаме и кон едното и кон другото, со таа разлика што сега повеќе го знаеме занаетот. Многу сме подобри од пред пет-шест години, а сите ние почнавме да се занимаваме со музика кога почнавме со бендот. Гачо не знаеше да свири бас, тој и ден денес знае да ги свири само песните на ПМГ. Синиша не знаеше да свири гитара, тој и денес ги знае само песните на ПМГ. Јас не знаев да пеам, некои ќе речат дека сѐ уште не знам да пеам - јас знам да ги пеам само песните на ПМГ. Но, напредокот на четвртиот албум е толку очигледен, што и на најрасположените критичари на овој бенд ќе им биде тешко да критикуваат. Бендот стигна до една точка кај што не може да биде игнориран по ниеден параметар.




Ја споменавте публиката, дека немате некоја целна група која ќе ја храните со сребрено лажиче. Што се случува со публиката кај нас, споредено со публиката надвор од Македонија? Каква е македонската публика?

Синиша: Македонската публика е цинична.


Гачо: Македонската публика е различна во Скопје и надвор од Скопје. Надвор од Скопје би ја споредил со онаа во Берлин. Тие што се надвор од Скопје се желни да го слушнат концертот, исто така е и надвор од Македонија. Публиката во Берлин ја интересира само да ја слушне музиката, сосема опуштен став кој всушност треба да го има секоја публика. Во Скопје за првпат почувствував опуштен став кај публиката на последниот наш настап на „Срце за Јапонија“. До сега не сум го почувствувал тоа од скопската публика, освен на некои интимни концерти што сме ги правеле за мал круг на пријатели. Да, публиката во Скопје е цинична.


Мирко: Мислам дека луѓето кај нас се во грч по сите параметри, тоа се отсликува во сите општествени ситуации, па и на публиката. Сѐ уште важи синдромот на сред село, сѐ уште сите одат таму каде што е модерно во моментот, секогаш им е тешко да ги поддржат сопствените уметници од сопствениот град. Полесно им е да одат на некој концерт на странски бендови или диџеи, а не доаѓаат да ги поддржат домашните автори. Некогаш добиваме фантастична реакција од публиката, а некогаш многу лоша реакција. Не може да се најде некоја константа според која може да се оцени домашната публика. Би рекол дека и’ недостасува континуитет. Многу е полесно во странство. Таму на луѓето што дошле на наш концерт не им е гајле кои сме. Ја слушаат нашата музика и или им се допаѓа или не им се допаѓа. Тоа е единствениот критериум според кој треба да се цени концертот на еден бенд. Од друга страна, факт е дека публиката во странство добива повеќе концерти од нашата публика...


Синиша: За една инди сцена да биде моќна, треба да има концерти. Ние заостануваме со концерти, во последниве години доаѓаат бендови што требале ‘да ни се случат’ пред 15 години. На луѓето тоа им е главно, бидејќи порано немале друг извор за живи свирки. Инди сцената никогаш не била толку моќна за да ги донесе, на пример, Соник Јут.


Мирко: Или ЛЦД Саундсистем сега, кога би требало да се гледаат.



Во еден од текстовите на новиот албум Мирко зборува дека алтернативната сцена веќе не постои, но прашањето е дали воопшто некогаш постоела?

Синиша: Тоа е парадокс, бидејќи во моментот кога е напишано можеби и најмногу постои алтернативна сцена во Скопје.


Мирко: Тоа е цитат од еден сајт за алтернативна уметност: „Љубовно писмо до алтернативната култура, во време кога алтернативната култура веќе не постои...“ Ова повеќе се однесува на глобалната сцена, бидејќи алтернативната култура е толку ужасно искомерцијализирана. Изгубено е нејзиното значење, антиципирањето на главната поента - индивидуалноста. Денес најголемите капиталистички кампањи се базираат на идејата да бидеш индивидуалец, да бидеш различен од другите, така што самиот концепт, самата срж на алтернативното видување ја нема. Да бидеш свој, колку тоа звучи провидно денес. Во Македонија проблемот е друг. Малку сме и многу сме измешани. Имаш луѓе што одат на концерт на ЛЦД Саундсистем во Хрватска или Србија, а потоа одат на Цеца. Така што, ако речеме дека алтернативната култура се тие сто души што одат на андерграунд техно журки или тие што одат на хард кор панк концерти, тогаш да, тоа е алтернативната сцена, а сѐ друго е големо прашање.




Што станува со медиумите? После толку време, освен на Канал 103, колку и дали некаде се покрива оваа сцена, или уште поконкретно вашата музика?

Синиша: Излегува дека „стотројка“е, за жал, единствениот медиум во Македонија кој тоа го покрива.


Мирко: Да не е „стотројка“ луѓето како нас нема нигде да бидат присутни. Никој не се интересира за оваа сцена. Кога одиме надвор, кога се мешаме со белградската, сараевската, загребската, љубљанската сцена, гледаме дека се свесни за моќта на македонската алтернативна сцена, бидејќи таа постои и има своја посебност, но во македонија никој освен Канал 103 за тоа не е свесен.



Синиша: Никој во македонија не напиша рецензија за последниот наш албум, освен можеби една, а читав неколку во Хрватска, Србија и Словенија...


Мирко: Добиваме повеќе рецензии за нашите албуми надвор од Македонија одошто кај нас. Смешно е. Понекогаш се пуштаат нашите спотови на А2 или К15, понекоја наша песна на Антена 5, но генерално воопшто нема интерес ни за поуспешните бендови од нас.


Синиша: Еве, да дадеме пример со Бернајс Пропаганда. Минатата година во Хрватска ги прогласија за најдобар рок бенд на Балканот, а овде кај нас никој освен „стотројка“ не ја пушта нивната музика.


Гачо: Значи, сцената постои. Еднаш кога зборував со еден музички новинар од еден наш дневен весник, неговиот став беше дека уредувачката политика на дневните весници не е да создаваат нешто, туку да известуваат за нешто. Мислам дека сега, повеќе од кога било во последниве години, сцената постои. Има полно албумски изданија секоја година, има концерти, сцената е вибрантна... Зошто ја нема во медиумите? Не знам. Глупаво е сето ова да остане незабележано. Но ете, понекој забележува: LIFE ја забележува, „стотројка“ постои.




Што понатаму со ПМГ? Дојдовме до тука, имаме ли некоја кулминација или пак едноставно еден убав развој на работите..?

Синиша: Дефинитивно не е кулминација, бидејќи ние веќе правиме нови песни, нема никогаш да престанеме да правиме. Растеме и мислиме да продолжиме да растеме. Мислам дека е прерано за кулминација.


Гачо: Овој ритам што го имаме поставено, а тоа е во просек еден албум годишно, мислам дека би можеле уште десет години без проблем да го тераме. Кога гледам како го правиме тоа, воопшто не ми се јасни моите идоли, големи музичари што сум ги сакал и ги сакам ден денес, како може да издаваат еден албум во пет години. Еден албум годишно можеби звучи изнасилено, но кога гледаш однатре воопшто не е изнасилено, напротив многу е природно. Мислам дека имаме уште многу пред нас.


Мирко: Бендот допрва зема замав, мислам дека ова е првпат после четири години да дојдеме на нешто свое, до стилот кој сме сакале да го имаме. Тоа не значи дека сме ја завршиле работата, туку дека работата за нас дури сега почнува, не само од музички, туку и од занаетчиски аспект. Не знам дали некогаш воопшто ќе го достигнеме зенитот, но мислам дека ова се првите чекори во нашите најдобри години.





ПМГ Колектив
„А векот така добро започна (So Last Century)
(PMG Recordings 2011)




Четвртиот албум на ПМГ Колектив, кој ќе излезе наредниот месец, е убаво заокружување на шест годишното непрекинато работење на овој бенд. Дефиниран и зрел еклектичен звук, остри текстови, стари идеи со нови примеси. Песните кои можеме да ги издвоиме, освен првиот сингл од овој албум „Излези надвор“ каде својот вокал го позајмува Марија Каева, се и „Радио слободно Скопје“, „Деца на два века“, „Дијалог со иднината“...Издание кое со нетрпение го очекуваме во официјална продажба!
Share