Monday, January 17, 2011

САЈБЕР-АПОКАЛИПСА („Финеса“, неделник ФОРУМ бр. 272)

Да, дефинитивно се случува крајот на светот каков што го знаеме. Скајп „падна“, твитер практично не функционираше, а на фејсбук најверојатно му се избројани деновите... Според сите „знаци“ и „предзнаци“, крајот на Интернетот е всушност долгоочекуваната (или долгостравуваната) Апокалипса, колку и да е таа „облечена“ во постмодернистичко руво. 

Имам среќа што сум родена во раните седумдесетти па убаво го паметам светот без компјутери и Интернет. Како вчера да беа оние рани утра кога мајка ми ме будеше за в училиште, а од дневната соба доаѓаше добро препознатливиот звук на машината за пишување... (Чук....) Куц-куц-ка-куц, куц, куц, кррррц, (пауза), куц-куц-ка-куц... Дедо ми пишуваше! Така секое утро, барем до пладне. Потоа, еден убав сончев (и летен) ден, татко ми дојде со едно кутивче в раце. Големо колку книга. Го отвори и од него излезе едно „нешто“. „Што е ова?“, се стрчавме со сестра ми. „Ееее, ова е компјутер“, одговори гордо, со детски сјај во очите, татко ми. Новата „играчка“ со која толку се гордееше го носеше името ZX80, име што ни звучеше многу „кул“ на нас двете (особено затоа што веќе бевме комплетно влезени во научнофантастичниот свет преку „Блејковата седумка“, тогашната, технолошки поназадна варијанта на „Ѕвездените патеки“). Дедо ми, кој секако не пропушташте да извиди што се случува, го погледна компјутерот со недоверба... и се врати назад да работи... Куц-куц-ка-куц, куц, куц, кррррц... 
Од тогаш наваму светот вртоглаво се смени. Сите станавме сериозни зависници од компјутерите и Интернетот. Поголемиот дел од светот започна „таму“ (каде и да е тоа нешто именувано WWW) да го живее својот „втор живот“. Љубовни средби, виртуелен секс, игри кои бесконечно се играат „онлајн“, фарми, градови и змејови, совршени тела и лица на фантазмагоричните аватари... Купување-продавање, музика, филм, книга, весник... Според сите предвидувања, смртта на хартијата е поодминат процес кој ќе заврши некаде во 2040 (и некоја), кога ќе биде отпечатена последната книга... Сѐ ќе постои само во виртуелниот свет, или на некои „тврди дискови“, чиј животен век, како што знаеме од искуството, е многу помал од оној на една книга...
Вакви се предвидувањата на експертите, или барем беа – до пред некој ден. Но после привремената смрт на Скајп (и неговото тешко реанимирање), најверојатно веќе никој не е сигурен. Ни за предвидувањата, а богами ни за опстојувањето на светот каков што го знаеме. Замислете една лута, незадоволна, крајно генијална „банда“ млади антиглобалисти со фасцинантно познавање на „информациската технологија“ која решава од идеолошки антиглобализам да прејде кон конкретен „сајбер-тероризам“. Замислете повторно свет без Интернет и компјутери. Свет кој побавно се движи, каде комуникацијата во живо е практично единствената можна (заедно со долгите муабети преку „фиксен“), свет без стрес и нервоза...
Дури и ние што сме живееле во „таков“, бавен и тивок свет, тешко ќе се навикнеме повторно на него. Како во оние реални емисии на „Хистори ченел“ каде учесниците го „доловуваат“ и „оживуваат“ животот во Викторијанска или Едвардијанска Англија... нема струја, нема телефон... И ние, како и актерите од историските шоуа, нема лесно да се прилагодиме на напорниот живот од минатото - сега неминовна реалност. Но најверојатно и ние, како нив, ќе ја чувствуваме онаа леснотија на крајот на напорниот ден, едно чувство кое денес го немаме: дека лебот наш насушен вистински сме го заработиле, па можеме мирно да спуштиме глава во скутот на саканата личност... Без да заѕвони мобилен, без да „зацвили“ скајп, без да пристигне имејл!

СТРАНА ДУРАКОВ (Не-Блог колумна, LIFE магазин бр.50)

Mагична приказна од магичната земја

Поразително е што децата во денешно време не знаат бајки. Освен оние од цртаните на „Пиксар“, на пример. И понекоја од цртаните на Дизни, претежно поновите. Но, сите оние книги со бајки кои прво ни биле читани а потоа сами сме ги читале, им се наполно непознати. Вистинскиот, тажен крај на Малата Сирена, Девојчето кое згазнало на лебот (бајка која толку остава белег во детското срце) и многу други бајки на Андерсен, Грим, руски бајки, африкански, јапонски и кинески.  Се прашувам што ли ќе прават денешните деца кога ќе пораснат, па ќе станат, да речеме, писатели (или колумнисти), па ќе си играат со цитатност... или можеби нема да се знае веќе за цитатност, а богами нема да постојат ни писатели (уште помалку колумнисти, оти тешко дека ќе постојат весниците...). Како и да е, нужноста да се цитира и алудира, т.е. да се употребува магијата на суптилноста – „кој е умен ќе разбере“, е наследство од минатиот век, а „ние“ сме на изумирање.

Нејсе, приказната која ја имам на ум додека го куцкам ова на мојот лаптоп е една од најпознатите бајки на светот – „Пинокио“ на Карло Колоди. Секако, не делот со носот кој му расте кога лаже (оваа приказна е повеќе за во некој политички неделник), туку онаа прекрасна приказна за земјата на неработниците, на мрзливците, пијачите на кафиња, дежурните мрчатори, семето на еден божемно напуштен менталитет, забушантите, фолирантите, плачковците, а секако и лажговците. Оние кои без да знаат, поради алчност, мрза и глупост почнуваат да се претвораат во магариња. Со други зборови, приказната за „Земјата на будалите“, или, како во рускиот цртан филм „Пинокио“ кој ние, децата на социјализмот, толку често го гледавме – „Страна дураков“. Магична приказна чија фасцинантност секојдневно ми се потврдува. Бидејќи, верувам дека жителите на оваа прекрасна земја успеваат на мистичен (и секако, волшебен) начин да преживеат. Кој им произведува храна? Ако ја увезуваат од некоја друга, помалку среќна земја, како ја плаќаат? Со што? Нели по цел ден пијат кафиња? Нели зјапаат во празно? Нели се среќни и весели до бесвест? Или можеби кај нив расте магичен грашок? Е, тоа веќе би било премногу!
Се инспирирав да напишам приказна која, всушност, e обратна верзија на Барбарела. Таа, пристигајќи на една „примитивна“ планета, лудо се забавуваше. Немаше време да здивне, кутрата, од секс и од екстаза. Мојата верзија, за жал, ја има само примитивната, да не речам - магарешката страна. Ни „с“ од секс, ни „з“ од задоволство, дури ни „п“ – од пари. Мојава Барбарела, бегајќи од нејзината строга, антиутопистичка и капиталистичка планета (кај што сите живеат по строго утврдена шема на будење-работа-алкохол-секс-спиење) слетува во една тампон-зона, планета-чистилиште настаната на транзитот од еден систем во друг, т.е. каде другде ако не во фамозната Страна дураков. Згора на сѐ, ја дочекува и економска криза, иако тоа не е некој битен фактор. Она што е важно е дека секогаш кога правиме животен и „кариеристички“ потег, не умееме да ги процениме работите реално. Кај сме, кај живееме, што работиме и ако промениме – каде ќе отидеме и на што ќе налетаме. На која планета сме и на која ќе отпатуваме? Ќе има ли секс или ќе има разочарување?
Доколку долго време функционирате и живеете во некоја гигантска, мрачна, капиталистичка (или глобалистичка) Замјатиновска констелација, не можете да согледате како стојат навистина работите во „магичниот“ универзум надвор од неа. Ако едната страна на медалот е голема корпорација, пристојна плата, работа од утро до мрак и сексот и градот, другата страна се неработниците и долгите носеви. Митот за „лицемерието на капитализмот “ и фактот за неуништливоста на социјалистичкиот менталитет звучат исто толку поразително како и сознанието дека децата ќе ни останат неписмени. Следствено, митот за „бедата на народот“ на волшебната земја, немањето пари, лошиот стандард итн., итн,, е резултат само на неработењето (и на лажењето). Магијата, за жал, завршува со демитологизацијата.
Дали се обидувам да дадам своевидна апологија на капитализмот, па дури и на оној „локалниот“ практикуван од големите корпорации кои решиле да се втурнат во авантурата на суптилно освојување на „Страна дураков“? Апсолутно! Бидејќи мојата Барбарела, поставена во еден антимагичен систем практично цел нејзин живот, сега, повторно фрлена на улиците на прекрасната земја на неработници со магарешки уши, ја доживува сосема обратната приказна од онаа на среќничката во филмот. „Барбарела во земјата на будалите“. Лош наслов. Неприфатлив. Исто како што можеби ви е неприфатливо, очекувајќи прекрасна приказна за волшепството и магијата, да ги читате овие редови. Но ова е Живот (LIFE), драги поклоници на вистината и неконвенционалното, и едноставно нема бегање. На вас е да одберете во кој правец ќе го терате: во една антиутопија (со шмекот и опиеноста на сексот и градот), или, пак, во Страна дураков. Изборот е сѐ само не лесен, а мојот личен избор е повеќе од очевиден.

Учењето на Сурак (Не-Блог колумна, LIFE магазин бр. 49)

Фан сум на „Стар трек“. Мојот најомилен лик од оваа серија (покрај вечниот Пикар) е вулканката Т’Пол. Сите оние кои ја гледале оваа серија ја знаат Т’Пол (а и 7 од 9), но причината поради која Т’Пол ми е омилен лик не е затоа што е тотално секси, ниту, пак, затоа што е „кул“, а богами ни затоа што имам фрустрации што толку совршениот Спок не е женско. Ја сакам затоа што нејзиниот лик во серијата имаше можеби најтешка задача: да се спротивстави на вулканското „нечувствување ништо“ и немање никакви емоции (рациото секогаш мора да ги победи и сузбие чувствата). Покрај тоа, мораше да го пронајде изворното учење на вулканскиот месија и фолозоф Сурак и да се врати на „вистинската“ вулканска религија запишана во „Кир Шара“, Сураковата света книга. Ова изворно учење, сосема спротивно на практикуваното, вели дека емоциите не треба да се „убијат“ туку само да се контролираат. Дури, една од основните техники практикувани од Сурак е т.н. „спојување на умови“ (mind-meld), начин на кој телепатски се споделуваат искуствата, сеќавањата, емоциите...


Некој би рекол дека е најтешко да се убијат емоциите. Дека да се чувствува е многу полесно, бидејќи е природно. Но во случајов, тешката и неверојатно храбра задача на Т’Пол не е во чувствувањето односно нечувствувањето, туку во моментот на одење против колективот, против законите на вулканската власт и против поголемиот дел од сопствениот народ. Па и против самиот себеси, против сѐ она во коешто до тогаш си верувал. Сепак, моќта на колективот е огромна, а спротивставувањето е херојска, понекогаш и невозможна работа (овде е и сличноста на Т’Пол со нејзината исто толку секси пријателка, 7 од 9, избегана од многу пострашниот колектив на Боргите).
Да си одметник, односно да бидеш различен, макар само и во размислувањата, во наше време (во 80-тите и 90-тите) значеше повеќе работи: да се облекуваш како што ти сакаш (читај: да не си „дотеран“), да слушаш рок или панк (па после тоа и „техно“), да читаш книги „за индивидуалци“ (како „клинци“ ги читавме Хесе и Вајлд, па Ниче, па Дерида... некако така беше прогресијата), да слушаш „некомерцијална“ и „добра“ музика, да уживаш во секој даден момент - со други зборови да уживаш во животот на твој начин.
Во денешно време, одметништвото едноставно не е опција. Денес мораш, за да имаш друштво во школо, да гледаш глупости на ТВ. Турски, индиски и домашни кичерајки. За да бидеш, нели, во тек. Мораш да „висиш“ на Фејсбук. Од истите причини. Те учат (во учебници и тоа) дека треба да сакаш да бидеш министер, судија или пратеник. И тоа за домашно: „Јас министер“. А ако, не дај боже, напишеш нешто лошо, особено во медиум, ќе те исплукаат како предавник на сопствениот народ. Или пак, уште полошо, во целава криза - нема да ти дадат пари. Никој не поднесува критика, а особено кога е насочена контра кичот и грдотијата. Контра уривањето на сите естетски и морални норми. Непријател си ако ја плукаш индиската Шехерезад (како и да и’ е името), ако не сакаш озборувања и естрада, ако сакаш да ги натераш децата да го читаат Хесе. Или макар Џејмс Метју Бари. Вулканците, сепак, се ок.
Уште поодметнички (и секако најнепријателски) беше моментот кога синчето на мојот љубен требаше да напише домашна работа со наслов, како инаку ако не: Мојата татковина. Па требаше да ги праша и оние околу него што мислат за татковината. Јас и драгиот, секако, ја имавме истата идеја: дека сме сите граѓани на светот и дека домот е онаму кај што си. А секако, како што би рекол еден од најдобрите писатели на фантазии на денешницата, господинот Тад Вилијамс, домот, пријателите и сѐ што ти е драго секогаш се „сместени“ во твојата глава и таму ќе живеат засекогаш, ако не си ти таму, или ако нив ги нема повеќе тука. Но оваа ерес контра колективот е крајно злосторство, дури и во напредното, неемотивно и софистицирано вулканско општество.
Кога договоривме дека темата на овој број на „LIFE“ ќе биде хедонизмот, некој ми рече: „Аман бе, во оваа криза, вие хедонизам“. Ерес. Арно ама, решивме да си го тераме нашето, оти веќе заклучивме претходно дека сме индивидуалци. И одлучивме, покрај сето тоа што ќе „смрдиме“ на хедонизам во овој број на „LIFE“ и ќе го кажуваме многу гласно она што го сакаме (дека го сакаме животот и дека споделуваме емоции, среќа и задоволство секогаш и секаде), дека ќе го кажеме исто толку гласно и она што не го сакаме. Бидејќи, ако ја следиме филозофијата на хедонизмот, неубавите, невкусните, грдите, глупавите и лошите работи не смеат да бидат присутни. Луѓето, настаните и работите со кои ние се „сретнуваме“ и со кои правиме mind-meld се оние кои тоа го заслужиле, кои, исто како нас, се бореле против оние Вулканци што го заборавиле изворното учење на Сурак: да се истражува, да се знае, да се чувствува, да не се предава!
Share