Sunday, October 7, 2012

Зимница

Деновиве дечињата во некоја градинка си правеа зимница, поточно ајвар. Си лупеа пиперки, си пржеа, си полнеа тегли... Како излезе веста, така на фејсбук и твитер почнаа сите со мрчење и потсмевање. Не ни читав што пишуваа, бидејќи и онака не можам веќе да слушам и читам како се мрчи и мрчи, а ништо конструктивно не се прави.

Искрено, мислам дека е време сите да се потсетиме, или да научиме како се прави зимница. Мислам дека е време да научиме да садиме, одгледуваме, да си ги извалкаме рацете и да се испотиме, и пред сѐ, да ги научиме нашите деца како да го прават тоа. Зошто? Затоа што „кризата“ нема да помине, нафта ќе има сѐ помалку, кај и да е ќе ја снема. Храна? И тоа ќе нема. Светот во кој најновиот iPhone е топ вест умира. Цел е со метастази, но не знае. Ќе дознае, секако, кога веќе ни чуда нема да помагаат.

Кај нас дома се правеше зимница секоја година. Баба ми и тетка Мирија, една вредна торбешка од Кичево која беше практично дел од нашето семејство, ги засукуваа ракавите и... што да ви кажувам... Се сукаа кори и јуфки. Сите соби во куќата беа послани со чаршафи на кои се сушеа јуфките. Кори се правеа за пита и за баклава. Се правеше и кадаиф. Се правеше и ајвар и пинџур. Пинџурот се смрзнуваше, не се ставаше во тегли. Во тегли се ставаше туршија, и тоа неколку врсти: во големи тегли карфиол, морков, зелен домат и пиперка; во најголеми тегли една вкусна туршија од модар патлиџан; во помали тегли една друга со карфиол и морков и црвена пиперка што не беше кисела туку блага... абер немам како се прави ниту пак сум видела на друго место; кисели краставички... Шишиња се полнеа со сос од домати, да има за со ќофтиња, шпагети, или само да се подгрее и послужи со сирење. И, најважно од сѐ, две огромни каци кисела зелка: за салата, подварок, сарма... и расолница за пиење, нормално J. Џем од сливи, кајсии, јагоди. Слатко од дуњи, вишни, јагоди. Ги беревме од двор, како инаку. Собиравме лешници и ореви (и тоа од двор, нормално), за да има за цела зима за торти и колачи.

Се работеше скоро два месеци, од почетокот на септември па до средината на октомври. Сите помагавме колку што можевме, иако сукањето на корите беше задача на тетка Мирија. Мислам дека никогаш нема да ја заборавам таа слика – цела куќа во бели чаршафи! Да не можеш да поминеш. Ама затоа цела зима имаш јуфки колку сакаш, а околу Нова година – баклава и кадаиф.

Немавме Нутела и Милка, немавме Кока-кола и Мекдоналдс, немавме американски пици, француски супермаркети и шпански парталчиња. Имавме рестрикции на струја, непрскано (органско?) сезонско овошје и зеленчук. Дрва за камин, за да се догрееш во зима. Три телевизиски канали. Фиксен телефон со двојник. 101. Еурокрем. И да, имавме зимница. 

2 comments:

  1. баш ме погодуваш со овие твои текстови. ме врати во детството, куќата во чаршафи, кршење ореви собрани од двор...
    многу ми е жал што не ги запишав од моите баби рецептите за зимница. имаше една со модри патлиџани полнети со зелка и моркови, врзани со гранче од целер, во големи тегли. можда ќе пробам да ја направам по сеќавање.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Таа, со модри патлиџани и морков и не знам дали беше зелка, со гранче од целер! Таа е таа. Мислам дека тетка ми го знае рецептот, ќе ја прашам и ќе ти пишам :)

      Delete

Share