Friday, January 18, 2013

Nowhere girl from Neverland


Ова е класичен дискриминаторски текст, бидејќи почнува вака: ако сте на било кој начин стриктно „ОПРЕДЕЛЕНИ“ по било кое суштинско прашање за светот и животот, ве молам не читајте понатаму. Ако сте избрале да бидете политички, верски (или неверски), сексуално, морално или било како строго определени, не читајте понатаму. Овој текст не е за вас. Ете така, дискриминација на „Определените“.
Кои се „Определените“? „Определени“ се оние кои решиле да изберат некоја опција без да остават отворен ум и отворено срце. Да остават простор за дилема, сомнеж, алтернатива... да си помислат дека можеби грешат!? Дека можеби нештата и луѓето не се секогаш она што ни се чинат. И дека илузијата и привидот се секогаш посилни и попривлечни од реалноста.
Кога јас и сестра ми бевме мали, баба ни Душица не учеше да играме една игра, која таа ја викаше „Добра и лоша клима“. Играта се учеше секојдневно, оти тоа не беше игра која можеш да ја научиш „од прва“ и да ја играш лесно. Не! Тоа беше игра во која родителот постепено го учи детето како да НЕ ВЕРУВА секому, туку да верува на својот сопствен суд. Како да мисли со своја глава. Како се играше играта? Родителот (во случајот мојата мила бакица) го преправа гласот и му вика на детето „Дојди кај мене, јас сум добра клима“. Е сега, ако е гласот превештачки, неискрен, детето треба со тек на време да се научи да го препознае „лажниот“ и лицемерен тон и да не отиде кај „климата“. Ако не го препознае, ќе биде заробено од страна на „лошата клима“ која се преправала дека е добра. И тоа е тоа, со време се претпоставува дека  ќе научиш кој те лаже, а кој е искрен. That is, ако имаш паметна баба што ќе те научи. Е ако немаш... тешко тебе!
Наравоучение? Среќа моја што ја имав баба ми да ме научи да ги препознавам лошите луѓе и да мислам со своја глава. Да останам своја и да не се „определувам“, оти чуму ми е тоа? Некој ќе ми даде пари? Можеби, но со пари среќа не се купува. Ќе ме вработи? Фала, можам да најдам работа и сама, доволно сум силна да се изборам и да докажам што сѐ знам и можам.
Може ли да се биде неопределен по секое суштинско прашање? Секако дека да! Можеш да преферираш нешто, но да оставиш отворено срце и ум за друга алтернатива. Да не избереш политичка страна и да имаш сопствен став по секое прашање, а повторно да останеш објективен; да не избереш вера, да не избереш ниту бог ниту природа, туку едноставно да го имаш оној deus sive natura пристап; да бидеш „стрејт“ или „нон-стрејт“, ама тука некаде постојано да има едно „можеби“... и  така натака, ни на небо ни на земја, туку така под облака... OPEN MIND!


Неопределена. А Nowhere girl from Neverland. Тотално дискриминирана во денешно време, бидејќи не сум ни ваму ни таму. Што сѐ нема да кажат за мене (не за мене лично, туку за било кој/а nowhere girl, man, woman… на сите). И нека зборуваат што сакаат, веќе нема да ги слушам и читам. Unfollow, unfriend, ciao adio. Среќа што има други како мене, и не се малку. Можеби сме и повеќе. Можеби и не сме. Можеби сме многу послаби, можеби сме посилни, но кому му е гајле за тоа. Сѐ додека мислам со своја глава, сѐ додека не ви ја слушам пропагандата, не ви ги читам и гледам медиумите, порталите, и постовите, сѐ додека можам да ви направам ignore – јас победувам. 
Share