Thursday, December 29, 2011

Се изнаигра!?

Понеделник вечер, накај 21 часот. Љубениот медитира пред телевизорот, додека се врти по стоти пат една епизода на „Bones“ на нашиот омилен канал за brain-washing - Fox Crime. Децата (неговите, а богами сега и мои деца) веќе спијат, откако ги нахранивме со огромна доза на храна и љубов (а и понекоја прекорна реченица поврзана со училиште, со по некоја тројка или недопишана домашна работа). Таман све си е по мерка, и можам конечно да се опуштам, да заборавам на целиот bullshit од претходните 12 часа, и да си го гушнам моето најдобро пријателче - компјутерот!






Социјални мрежи, портали, сајтови, текстови и што ти не, а најважно од сè - мојата единствена гоолема зависност - игриците. Тие ме спасуваат од лоши мисли, ми го чуваат здравиот разум и општото ментално здравје, ме релаксираат и дури и ме прават среќна. Ужас, ама мене тоа ми треба и точка! Арно ама, мојот најмил, како јас го грабам лаптопот в раце, така почнува да се мршти... и мршти! И се туфка, и промрчува по нешто неразбирливо, и така тоа трае прилично долго време.


Кога конечно ќе почувствувам грижа на совест поради ужасниот криминал кој го вршам и ќе го затворам компјутерот, насмеано вртејќи се кон човекот на мојот живот, тој како едвај да чекал, па пука како од пушка: „Се изнаигра?“. Или, применува тактика: чека да му прозборам, за да може да ми каже „да не му досадувам, затоа што гледа серија“ (сега веќе оди реприза на „Psych“, и тоа ја гледаме по шести пат!)


И така, вечер за вечер, јас и драгиот ми си ја играме истата игра...јас тонам во компјутерот, тој си мрчи, потоа си се смируваме (демек сме биле скарани), и така натака... Убава игра, релаксирачка, љубовна :). Врти-сучи, да биде homo ludens, битие кое си игра, е суштината на човекот, а начинот и типот на игра си го избираме самите :). 




*Напишано пред некои две недели и заборавено во необјавени постови :)

Wednesday, December 21, 2011

Брат брату лупус ест

Старите римјани не џабе ја смислиле прекрасната поговорка Homo homini lupus est. Во тоа фамозно време на интриги, инцести, завери, братоубиства, таткоубиства, труења, измами и подметнувања од секој вид, а особено најомилениот им спорт - забодување нож во грб, човек човеку апсолутно бил волк, па дури и ти, сине Бруте :). Е да, ама стариот Рим си негувал и убави, возвишени работи во тие најмрачни, најналудничави времиња... философијата, реториката, поезијата, драмата, архитектурата и уметноста биле на највисоко можно ниво. 



Ова што се случува кај нас откако јако „не пукна“ кризата, немањето пари, секој секому должи и никој никому не плаќа, нефункционални кредити, блокирани сметки, фирми кои се затвораат итн итн, некако ме потсети на таа прекрасна поговорка. Деновиве, чинам, и брат брату лупус ест. Никому не може да се верува, особено затоа што македончињата-хохштаплери се накотија ко глувци. Ај што маваат ножеви во грб без окцето да им трепне и рачето да им затрепери, среќа до труења и инцести уште не дошло (или барем не сме чуле ништо такво, освен сестричките што се истепаа во групен секс, што можда и може да се квалификува ко инцест). Од друга страна, културата, уметноста, архитектурата, убавината и возвишеното се друго име за кичот, поезијата егзистира некаде во некој чуден андерграунд, драмата едвај опстојува, а философијата е укината како суфицитарна. Прекрасно. Подобро да ни беа тука Нерон и Калигула!

Нејсе, целата ситуација на криза, неплаќање, лага и измама ме погоди и мене лично (да, во позадината на ова писание лежи и лична фрустрација, за која авторката е сосема свесна и не се труди да ја негира, но се труди да ја објективизира и маргинализира). На пример, кога ми се случи „да го кркам“ од некој кому му верував, па немав нели и ништо црно на бело за да докажам на суд што ми се должи (оти си мислев, еее, го знам одамна, градско дете е, наше, нема да ме заглави ко тие претходно - пошто имало и претходно, не да не, ама не ми биле „другарчиња“), првото што ми падна на памет е уште една изрека, оваа од „наше“ време: „Гомнарот со гомнарски цевки“. Ќутече, и нема друго.

Потоа ми текна дека сепак има и „културен“ начин како да се справиш со македончето-хохштaплерче и како суптилно да му вратиш. А како второ, повеќе нема да веруваш никому. Да, брат брату лупус ест. Ќе си бараш сè црно на бело. И од брата си, и од сестра си, и од сите. Бидејќи, поразителниот момент не е дека некој ме прелажал за пари и сега не сака да ми плати за сработеното, а сработеното е, како да кажам - све. Од бел лист, поточно од tabula rasa, хохштаплерчето си доби цела зграда. Но тоа не е најпоразителното - неплаќањето, алчноста, измамата, долните и задни намери, ножот во грб и сите пропратни гомнарии. Најмногу ме погоди (читај: исфрустрира) мојата сопствена наивност. 
- Е глупчо, немаш договор? Еее, а бе дете, па денес никому не се верува бе, ни на брат. - ми кажаа неколку луѓе. 

И така, си решив дека отсега ќе дувам не само на млеко, туку и на матеница. И ако некој проба да ми се насмее што дувам на матеница, ќе му објаснам дека треба и тој да почне, уште веднаш. Што е сигурно - сигурно е, „ние“ (колку и да нè има јагниња во државава) ќе си се пазиме од браќата волци, од македончињата-хохштаплерчиња, а тие, тие нека му ја мислат. Може нема да им дојдеме со гомнарски цевки (оти тоа и не е наш стил, ние сме фини деца), туку повеќе верувам дека карма си е карма, па се врти и се враќа таму кај што треба (what comes around goes around, нели?).

И за крај, ве молам игнорирајте ја личната фрустрација, бидејќи се обидов да бидам максимално објективна во однос на нашата општа ситуација. Мислам дека на секој од вас му се случило во последниве две години да не може (аман!!!) да си ги извлече чесно заработените пари од некој си кретен што се крие, не дига телефон, и евентуално воопшто не плаќа. И советот мудар уште еднаш: ако сте се изгореле од млеко, дувајте и на матеница, за мирно да спиете ноќе. 


(Напишано на 19.12.2011, во 04:10)

П.С. Per aspera ad astra, или низ трње до ѕвездите (или секое искуство злато вреди) ;) :)

Забелешка: македончето-хохштаплерче е намерно напишано со мала буква.

Sunday, December 18, 2011

Ти, на брегот на езерото

Ти
на брегот на езерото
она од соништата
ти текнува?
Бранови
синило
и сивило
облаците се собираат
ветрот ти влегува под облеката
му се радуваш
ти ја скокотка кожата.
Викаш
пееш
срцето ти потскокнува
се смееш...
Ти текнува на нешто
почнуваш да плачеш
трчаш накај мене
правиш гримаси
сакаш да експлодираш
па ќе се смириш
само за миг
нешто да смислиш
да направиш гримаса
да се посмееш
да поплачеш?
Па пак да трчаш
кон ветрот
со ветрот
кон мене
низ мене...
Ти
на брегот на езерото
твориш
имагинарни светови
илјадници љубови
сакаш да направиш
бесконечни промени
да обоиш сè
со поинакви бои
милион бои
и звуци
и мириси...
Сакаш да пронајдеш
скриени богатства
да нуркаш во водата
до дното
да чекориш
по површината
да одлеташ
до облаците
до синилото
и сивилото...
Никој не може
крајот да ти го фати,
знаеш ли?

Ти
на брегот на езерото
она од соништата
ти текнува?
Ветрот ти ја мести фризурата
те сака
се вљуби во тебе
знаеш ли?
Затоа што си како него
силна
и подвижна
и менлива
и возбудена...
Кој може да ти го фати крајот,
се прашувам?
И си мислам:
нема потреба...





















Фото: Билјана Црвенковска

Saturday, December 17, 2011

Безимена

Те познавам
по мирисот.
Некогаш
ноќе
в темница
се обидувам да ти го насетам ликот.

Наутро ме буди
промајата
се протнува низ вратата кога заминуваш.

Навечер
враќајќи се
ја наоѓам постелата сè уште топла.

Во нашиот стан
се дружат
одвреме-навреме
промајата
и мирисите.

Фото: Билјана Црвенковска

Несоници

 


























Чудна музика
се влева
низ прозорецот.
ја растура
тишината
ја турка
самотијата
додека горам од желба
да се растопам.

  •  
Позајми ме.
Сакам да сум твоја
час
или два
поиграј се
со мене
вплеткај ме
во косата
па пушти ме назад
во реката.

  •  
2:15
Несоница.
Зачкрипува паркетот
протекува славината
од спротива
низ маглата
ги насетувам
чекорите
воздишките
треперењата
гасењата.
Градот
се преправа
дека спие.


Фото и дообработка: Кире Галевски

Saturday, December 10, 2011

Светот каков што го знаевме вчера


Деновиве, сѐ она што се случува, според мене ја дополнува и дообликува сликата на мозаикот наречен нов светски поредок.
Буквално сѐ, почнувајќи од, ако сакате, глобалното затоплување за кое дефинитивно мислам дека е неминовност, преку „Окупацијата на Волстрит“, која во мене буди едно чувство на вознемирено исчекување, па сѐ до „локалниот“ проблем кој ме окупира долго време – оној за политичката определеност на моите некогаш најблиски пријатели (интелектуалци, анархисти, уметници, боеми), знаете, оние кои едно време викаа дека тие никогаш никако со никого нема...
Едноставно, светот каков што го знаевме вчера е мртов. Gone with the wind. Не само капитализмот (и тој, фала богу)! Не само комунизмот од 45-тата до 91-ата, не само ароганцијата на пост-комунистичките транзициски шемаџиски банди, не само светските заговори и Големиот Американски Брат, не само Европа, Грција и, ако сакате, Русија... Не се мртви само „старите“ поредоци и шеми и шемичиња и заговори и заговорчиња... мртви се и новите, оние од (буквално) вчера...само што сѐ уште не им е јасно што навистина носи (и допрва ќе носи и носи и носи) со себе новиот светски поредок. Никому не му е јасно, како и да му биде...
И мене не ми е јасно, но мирисот на неизвесноста и несигурноста ми ја полни душичката. Не дека сум луд близнак што се храни со неизвесност и обожува да живее од денес за утре (иако и тоа е неоспорно Smile), туку затоа што немам страв од новиот светски поредок. Немам страв од умирање на влади, држави, естаблишменти... Ниту пак од изумирање на цивилизацијата и враќањето кон природата. Напротив. Можеби најголема желба ми е да ги видам „големците“, навикнати да печалат на туѓите маки и да таложат парички во недостапни швајцарски банки – голи и боси на прагот на новото ледено доба. Прекрасна глетка Smile. Или пак осамени во нивните студени дворци, под опсада од Новите Слободни Луѓе на иднината. Анархистички идеи или чиста (анти?)утопистичка визија на иднината? Како што милувате.
Можеби и не се сложувате со мене. А зошто и би. Никој не сака да се откаже од идиличната слика на иднината: топол дом, згрижени дечиња, доволно пари за нивно образование, за по некое патување на (блиска) пријатна локација (моренце?), доволно за ново количе, велосипед, нов шпорет... сметки и кирии, кредити и кредитни картички. (Тотално здодевна улежана дембелска слика на денешниот капитализам).
Драги мои, иднината не е веќе така извесна. Комунизмот пропадна токму поради неверојатната предвидливост на нештата. Една работа, еден стан, една викендичка, една количка, две дечиња, двете на факултет, па двете вработени, па двете со истата работа до пензија, па секое од нив со по две внучиња... Сосема неприродна работа, каде е тука борбата за опстанок? Па нели во борбата за опстанок лежи еволуцијата?
И капитализмот, како и комунизмот, ќе пропадне од истите причини. Се улежавме, се раскомотивме, се заборавивме. Станавме малите дебели луѓе пред компјутерите. Јади, гледај ТВ, седи пред компјутер... Еволуцијата едноставно ја нема. Ако не се промени ликот на светот каков што го знаеме, ќе изумре човечкиот род. Тоа е единствената предвидлива работа, и во тоа нема сомневање.
Она што ни останува е да ги прифатиме работите и да се подготвиме (себе си и нашите деца) за неизвесноста која ја носи новиот светски поредок. Светот каков што го знаевме вчера умира, а каков ќе биде новиот свет... ќе зависи од тоа колку сме силни и способни да преживееме.

Ајвар и шампањ

Пред некое време, мојата драга пријателка Анжелика ме потсети на разликата помеѓу ајварот и шампањот. Ајварот е ајвар, а шампањот е шампањ, и во принцип секому би требало да му биде јасно која е разликата. Но дали е баш така?
 


Едноставно, ајварот е евтин, распространет, без никаква хранлива вредност или каков и да е квалитет, насила направен популарен – да не речам искомерцијализиран и нашироко консумиран поради неговиот привлечен вкус и јака впечатлива боја. Ви звучи познато? Секојдневно, што би рекла Анжелика, сѐ околу нас е ајвар. Ајварот е турбо-фолк. Тој е на ТВ, во весниците, на интернет, на улица, во автобус, во кафиќ, во фенси-шменси клубовите или рестораните, и во парламент и на пазар...
Последниве месеци се случува еден немил феномен кој е резултат на економска криза, на македонска ситуација, и на општиот светски тренд, но сите премногу не погодува. Се затворија многу печатени и електронски медиуми. Уште многу се на работ на егзистенцијата или на изумирање. Интернет сферата, од друга страна, сѐ уште не е доразвиена, и ќе треба на неа да се работи уште некое време. Во медиумите (оние кои сѐ уште живуркаат), ајварот царува. Ако не е гола цицка или трач, демек нема да успее. Ако не е естрада, демек нема да се чита. Ако не е просто, демек нема да се разбере. Газдите и уредниците форсираат ајвар-теми и ајвар-текстови, што де факто резултира во ајвар медиуми. Но кога знаел газда што треба, кога дошол од кој знае каде и решил да купи медиум? Уредникот, реално, право на глас нема. Плата мора да земе на први и тоа ти е.
А  рекламерите? Дали тие можат да сфатат која е разликата меѓу ајварот и шампањот? Дека шампањот, иако е скап и неисплатлив,  за него има побарувачка, да не речам публика. Дека него го купуваат оние кои можат да си го дозволат, и, уште повеќе, оние кои знаат што ќе добијат. Кој знае што е шампањ нема никогаш да купи ајвар.
Шампањот, драги мои, се вистинските вредности (колку и да ви звучи излитено оваа фраза). Вистинските вредности за кои верувам дека можеме да ги сочуваме од изумирање! Верувам дека еден ден Срна ќе знае да ја направи разликата која секојдневно се обидуваме да ѝ ја воочиме помеѓу „Лисјата“ и „Вештачка интелигенција – A.I.“ (бидејќи сега има скоро 9 години и ѝ се допаѓаат и двете, ама од првото е како хипнотизирана – „дете-зомби“ пред ТВ, а кај второто не ѝ е јасно што е тоа што ја вознемирува и ја тера да плаче). Верувам дека Димитриј ќе го прочита конечно, по милион инсистирања, „Петар Пан“, и ќе сфати што е убавината во него (а не само во игрите на компјутер), дека наскоро ќе почне да ги слуша Фолтин, а не Тони Зен. И дека ќе има сѐ повеќе и повеќе млади луѓе што ќе речат „НЕ“ на ајвар-политиката и ќе останат свои, паметни и независни, без да заземат која и да е од ајвар-страните; дека ќе се создадат добри, независни, паметни медиуми кои ќе пласираат содржини за луѓето што сакаат да се информираат, да читаат, да научат; дека ќе се прави добра музика, добри филмови и добри претстави.
Она што е ретко и вредно не смееме да дозволиме да изумре. Не мислете само на себе (бидејќи најверојатно си мислите „јас не сум ајвар и никогаш нема да бидам“), туку мислете и на вашите деца (на тие што ги имате односно што ќе ги имате)! Размислете, убаво размислете кога ќе треба да им ја посочите разликата помеѓу ајвар и шампањ. Што мислите, кога е најдобрата возраст, на 3, на 5 или на 9 години?
Уште размислувате??? Најдобрата возраст е сега! Веднаш! На 6 месеци или на 6 години, а дури и на 16 (никогаш не е доцна ако се знае како!). Сега, веднаш, во истиов момент! Бидејќи, ако се свртите околу вас и поубаво погледнете, ќе сфатите дека ајварот врши инвазија на сѐ, на целото општество и на вашиот сигурен и топол дом - и освојува!
Уште читате??? Аман, ајварот штотуку влезе во вашето дете!!! Сега сте вие на ред...

Забелешка: Ајварот и шампањот се исклучиво користени како синоними и се сосема случајно употребени во оваа приказна. Ајварот како ајвар – македонски производ од пиперки и шампањот како шампањ – француско вино, не се навистина виновни за ништо!!!
Share