„Никогаш не го гради домот во одредено место. Направи си дом
во сопствената глава. Ќе најдеш сѐ што ти треба да го опремиш – сеќавања,
пријатели на кои им веруваш, љубов кон знаењето, и други слични нешта. Така ќе
биде со тебе каде и да патуваш“.
Тад Вилијамс
Кога бев мала, во дворот имавме една голема бела цреша.
Огромно старо дрво со дебели гранки. Кога ќе се качев таму, светот беше мој.
Тоа беше и мојата „вистинска“ куќа. Сакав да живеам таму цело време, дење и
ноќе, зиме и лете. Дури еднаш го натерав дедо ми да напише „тестамент“ во кој
ми ја остава црешата. Но поминаа неколку години, црешата се подисуши, и баба ми
реши дека треба да се сече. Ден денеска од мојата прва „вистинска“ куќа има
останато една пенушка, колку да те потсетува дека постоела - и да боли.
Деновиве размислувам дека ми треба нов дом. Некаде далеку.
Што подалеку, тоа подобро. Папуа Нова Гвинеја. Ушуаја. Лапонија. Алјаска.
Велигденски острови. Сао Томе и Принсипе. Белизе. Непал...
Некој некогаш рекол дека домот е онаму каде што ти е срцето.
Но оваа изјава прилично ограничува. Пред сѐ ја маргинализира улогата на срцето.
Неговата моќ лежи токму во тоа што може да биде секаде и со секого кој му
значи, без разлика на оддалеченоста. Може да биде и во Скопје, и во Лондон, и
во Белград, и во Перуџа, и на Малта, и во Виена, и во Охрид... и во Белизе, ако
треба... додека еден друг дел од него отпатувал заедно со црешата, со местата и
со драгите луѓе што веќе ги нема...
Не дека нема да боли. Ќе боли многу повеќе одошто боли кога
ја гледам пенушката од црешата, во дворот на куќата што денес е скоро празна...
а некогаш во неа живееше големо и среќно семејство. Но помалку боли од тоа да
немаш што да изградиш во главата. А домот, онаков каков што сум го сакала
отсекогаш, со сите луѓе и места што ги сакам, ќе биде изграден во мојата глава
и поубав од кога и да е. Јас, граѓанин на светот: со домот изграден во главата,
а срцето онаму каде што се луѓето и местата што ги сака.