Tuesday, November 13, 2012

Корзо


Денес, 13 ноември 2012, како за инает, Скопје мириса на есен како никогаш до сега. И на љубов и на топлина. Како никогаш до сега, и можеби за последен пат. Како кај тешко болен човек кога наеднаш, при крајот, болеста ќе се стиша и ќе се појави една чудна полетност... за да се заврши нешто што заостанало, пред да се замине. 

Можеби. А можеби и ништо не е вака поетично како што го опишав, можеби сум само опиена од чудниот миризлив ветар што дува вечерва.

Од пред некој ден мачната болест што го јаде градот го зема и Бристол. Местото каде што седевме со саати под оревот, кај што јадевме чкембе чорба, кај што ги гледавме старите ликови... Местото од времето на дедо ми, на татко ми, сечие.
Тоа што веќе нема чорба во Бристол ме потсети на една друга приказна и на уште едно место кое (практично) веќе го нема. Приказната кога прв пат пробав чкембе чорба. И секако, ја засакав од „прва“.

Дедо ми Крсте, инаку син на богат трговец со месо од Прилеп, беше голем гурман и хедонист во најпозитивната смисла на зборот. Мислам дека од него ја наследив љубовта кон животот, храната, виното, патувањата и дружењето. Оти знаеше да ме земе со него и да ме однесе во некоја авантура. Можеби не толку голема како оние што ги имав со татко ми, во бифето на Славе Биљбиљ во Вардар филм... (моите славни неодења во градинка: затоа што омлетот во Вардар филм беше далеку подобар доручек, запиените глумци далеку подобро друштво, а цртаните филмови проектирани во мини-киното во Вардар филм, дружењето со шминкерките и костимографите, и приказните на чичко Окан – неверојатно доживување...)

... Можеби авантурите со дедо ми беа „поинакви“, но исто толку вредни за паметење. Е такво беше првото одење на чкембе чорба, во тогашен Пелистер (не овој сега, тој тогаш). Не знам со кого бевме, но во тоа време сигурно сме седеле со некоја писателска или сликарска величина (Петре М., Гуте, Петар ХаџиБошков...) Кој знае. Не паметам. Ја паметам само чорбата. И доаѓањето дома после кој знае колку саати.
А баба ми нѐ чека со рацете на колкови, во една својствена за неа генералска поза! „Јадеше ли нешто Бики?“– вели баба ми. „Чкембе чорба“ – ноншалантно одговара дедо ми. „Чкембе чорба на детето си му дал!!!!!“ – вриснува баба ми, додека дедо ми веќе е залепен за радиото и слуша вести, без да ја рецне. Така завршуваа муабетите меѓу нив, а така заврши и мојата авантура.

Многу поинаку заврши приказната на Бристол. Немаше „убав“ крај. Има само убави спомени, ама чувството е гадно. Денес поминавме по мрачната улица кај што некогаш беше Бристол. Онаа, ја знаете, што смени многу имиња. Во времето на мајка ми го имаше најубавиот прекар – Корзо. Е па дечки, на Корзо го нема веќе Бристол. Има само мрак во тој дел, и жолти лисја што ги разнесува чудниот миризлив ветар што дува вечерва. На 13 ноември, 2012 година. 

No comments:

Post a Comment

Share