Tuesday, May 28, 2013

Homeland


„Никогаш не го гради домот во одредено место. Направи си дом во сопствената глава. Ќе најдеш сѐ што ти треба да го опремиш – сеќавања, пријатели на кои им веруваш, љубов кон знаењето, и други слични нешта. Така ќе биде со тебе каде и да патуваш“.
Тад Вилијамс

Кога бев мала, во дворот имавме една голема бела цреша. Огромно старо дрво со дебели гранки. Кога ќе се качев таму, светот беше мој. Тоа беше и мојата „вистинска“ куќа. Сакав да живеам таму цело време, дење и ноќе, зиме и лете. Дури еднаш го натерав дедо ми да напише „тестамент“ во кој ми ја остава црешата. Но поминаа неколку години, црешата се подисуши, и баба ми реши дека треба да се сече. Ден денеска од мојата прва „вистинска“ куќа има останато една пенушка, колку да те потсетува дека постоела - и да боли.



Деновиве размислувам дека ми треба нов дом. Некаде далеку. Што подалеку, тоа подобро. Папуа Нова Гвинеја. Ушуаја. Лапонија. Алјаска. Велигденски острови. Сао Томе и Принсипе. Белизе. Непал...

Некој некогаш рекол дека домот е онаму каде што ти е срцето. Но оваа изјава прилично ограничува. Пред сѐ ја маргинализира улогата на срцето. Неговата моќ лежи токму во тоа што може да биде секаде и со секого кој му значи, без разлика на оддалеченоста. Може да биде и во Скопје, и во Лондон, и во Белград, и во Перуџа, и на Малта, и во Виена, и во Охрид... и во Белизе, ако треба... додека еден друг дел од него отпатувал заедно со црешата, со местата и со драгите луѓе што веќе ги нема... 

Не дека нема да боли. Ќе боли многу повеќе одошто боли кога ја гледам пенушката од црешата, во дворот на куќата што денес е скоро празна... а некогаш во неа живееше големо и среќно семејство. Но помалку боли од тоа да немаш што да изградиш во главата. А домот, онаков каков што сум го сакала отсекогаш, со сите луѓе и места што ги сакам, ќе биде изграден во мојата глава и поубав од кога и да е. Јас, граѓанин на светот: со домот изграден во главата, а срцето онаму каде што се луѓето и местата што ги сака.  

2 comments:

  1. "Деновиве размислувам дека ми треба нов дом. Некаде далеку. Што подалеку, тоа подобро."

    Не би требало да мислиш така - остани и бори се. Можеш.
    А тоа „дом изграден во главата“ е паметна работа.

    ReplyDelete

Share