Monday, January 17, 2011

СТРАНА ДУРАКОВ (Не-Блог колумна, LIFE магазин бр.50)

Mагична приказна од магичната земја

Поразително е што децата во денешно време не знаат бајки. Освен оние од цртаните на „Пиксар“, на пример. И понекоја од цртаните на Дизни, претежно поновите. Но, сите оние книги со бајки кои прво ни биле читани а потоа сами сме ги читале, им се наполно непознати. Вистинскиот, тажен крај на Малата Сирена, Девојчето кое згазнало на лебот (бајка која толку остава белег во детското срце) и многу други бајки на Андерсен, Грим, руски бајки, африкански, јапонски и кинески.  Се прашувам што ли ќе прават денешните деца кога ќе пораснат, па ќе станат, да речеме, писатели (или колумнисти), па ќе си играат со цитатност... или можеби нема да се знае веќе за цитатност, а богами нема да постојат ни писатели (уште помалку колумнисти, оти тешко дека ќе постојат весниците...). Како и да е, нужноста да се цитира и алудира, т.е. да се употребува магијата на суптилноста – „кој е умен ќе разбере“, е наследство од минатиот век, а „ние“ сме на изумирање.

Нејсе, приказната која ја имам на ум додека го куцкам ова на мојот лаптоп е една од најпознатите бајки на светот – „Пинокио“ на Карло Колоди. Секако, не делот со носот кој му расте кога лаже (оваа приказна е повеќе за во некој политички неделник), туку онаа прекрасна приказна за земјата на неработниците, на мрзливците, пијачите на кафиња, дежурните мрчатори, семето на еден божемно напуштен менталитет, забушантите, фолирантите, плачковците, а секако и лажговците. Оние кои без да знаат, поради алчност, мрза и глупост почнуваат да се претвораат во магариња. Со други зборови, приказната за „Земјата на будалите“, или, како во рускиот цртан филм „Пинокио“ кој ние, децата на социјализмот, толку често го гледавме – „Страна дураков“. Магична приказна чија фасцинантност секојдневно ми се потврдува. Бидејќи, верувам дека жителите на оваа прекрасна земја успеваат на мистичен (и секако, волшебен) начин да преживеат. Кој им произведува храна? Ако ја увезуваат од некоја друга, помалку среќна земја, како ја плаќаат? Со што? Нели по цел ден пијат кафиња? Нели зјапаат во празно? Нели се среќни и весели до бесвест? Или можеби кај нив расте магичен грашок? Е, тоа веќе би било премногу!
Се инспирирав да напишам приказна која, всушност, e обратна верзија на Барбарела. Таа, пристигајќи на една „примитивна“ планета, лудо се забавуваше. Немаше време да здивне, кутрата, од секс и од екстаза. Мојата верзија, за жал, ја има само примитивната, да не речам - магарешката страна. Ни „с“ од секс, ни „з“ од задоволство, дури ни „п“ – од пари. Мојава Барбарела, бегајќи од нејзината строга, антиутопистичка и капиталистичка планета (кај што сите живеат по строго утврдена шема на будење-работа-алкохол-секс-спиење) слетува во една тампон-зона, планета-чистилиште настаната на транзитот од еден систем во друг, т.е. каде другде ако не во фамозната Страна дураков. Згора на сѐ, ја дочекува и економска криза, иако тоа не е некој битен фактор. Она што е важно е дека секогаш кога правиме животен и „кариеристички“ потег, не умееме да ги процениме работите реално. Кај сме, кај живееме, што работиме и ако промениме – каде ќе отидеме и на што ќе налетаме. На која планета сме и на која ќе отпатуваме? Ќе има ли секс или ќе има разочарување?
Доколку долго време функционирате и живеете во некоја гигантска, мрачна, капиталистичка (или глобалистичка) Замјатиновска констелација, не можете да согледате како стојат навистина работите во „магичниот“ универзум надвор од неа. Ако едната страна на медалот е голема корпорација, пристојна плата, работа од утро до мрак и сексот и градот, другата страна се неработниците и долгите носеви. Митот за „лицемерието на капитализмот “ и фактот за неуништливоста на социјалистичкиот менталитет звучат исто толку поразително како и сознанието дека децата ќе ни останат неписмени. Следствено, митот за „бедата на народот“ на волшебната земја, немањето пари, лошиот стандард итн., итн,, е резултат само на неработењето (и на лажењето). Магијата, за жал, завршува со демитологизацијата.
Дали се обидувам да дадам своевидна апологија на капитализмот, па дури и на оној „локалниот“ практикуван од големите корпорации кои решиле да се втурнат во авантурата на суптилно освојување на „Страна дураков“? Апсолутно! Бидејќи мојата Барбарела, поставена во еден антимагичен систем практично цел нејзин живот, сега, повторно фрлена на улиците на прекрасната земја на неработници со магарешки уши, ја доживува сосема обратната приказна од онаа на среќничката во филмот. „Барбарела во земјата на будалите“. Лош наслов. Неприфатлив. Исто како што можеби ви е неприфатливо, очекувајќи прекрасна приказна за волшепството и магијата, да ги читате овие редови. Но ова е Живот (LIFE), драги поклоници на вистината и неконвенционалното, и едноставно нема бегање. На вас е да одберете во кој правец ќе го терате: во една антиутопија (со шмекот и опиеноста на сексот и градот), или, пак, во Страна дураков. Изборот е сѐ само не лесен, а мојот личен избор е повеќе од очевиден.

No comments:

Post a Comment

Share