Saturday, December 10, 2011

Ајвар и шампањ

Пред некое време, мојата драга пријателка Анжелика ме потсети на разликата помеѓу ајварот и шампањот. Ајварот е ајвар, а шампањот е шампањ, и во принцип секому би требало да му биде јасно која е разликата. Но дали е баш така?
 


Едноставно, ајварот е евтин, распространет, без никаква хранлива вредност или каков и да е квалитет, насила направен популарен – да не речам искомерцијализиран и нашироко консумиран поради неговиот привлечен вкус и јака впечатлива боја. Ви звучи познато? Секојдневно, што би рекла Анжелика, сѐ околу нас е ајвар. Ајварот е турбо-фолк. Тој е на ТВ, во весниците, на интернет, на улица, во автобус, во кафиќ, во фенси-шменси клубовите или рестораните, и во парламент и на пазар...
Последниве месеци се случува еден немил феномен кој е резултат на економска криза, на македонска ситуација, и на општиот светски тренд, но сите премногу не погодува. Се затворија многу печатени и електронски медиуми. Уште многу се на работ на егзистенцијата или на изумирање. Интернет сферата, од друга страна, сѐ уште не е доразвиена, и ќе треба на неа да се работи уште некое време. Во медиумите (оние кои сѐ уште живуркаат), ајварот царува. Ако не е гола цицка или трач, демек нема да успее. Ако не е естрада, демек нема да се чита. Ако не е просто, демек нема да се разбере. Газдите и уредниците форсираат ајвар-теми и ајвар-текстови, што де факто резултира во ајвар медиуми. Но кога знаел газда што треба, кога дошол од кој знае каде и решил да купи медиум? Уредникот, реално, право на глас нема. Плата мора да земе на први и тоа ти е.
А  рекламерите? Дали тие можат да сфатат која е разликата меѓу ајварот и шампањот? Дека шампањот, иако е скап и неисплатлив,  за него има побарувачка, да не речам публика. Дека него го купуваат оние кои можат да си го дозволат, и, уште повеќе, оние кои знаат што ќе добијат. Кој знае што е шампањ нема никогаш да купи ајвар.
Шампањот, драги мои, се вистинските вредности (колку и да ви звучи излитено оваа фраза). Вистинските вредности за кои верувам дека можеме да ги сочуваме од изумирање! Верувам дека еден ден Срна ќе знае да ја направи разликата која секојдневно се обидуваме да ѝ ја воочиме помеѓу „Лисјата“ и „Вештачка интелигенција – A.I.“ (бидејќи сега има скоро 9 години и ѝ се допаѓаат и двете, ама од првото е како хипнотизирана – „дете-зомби“ пред ТВ, а кај второто не ѝ е јасно што е тоа што ја вознемирува и ја тера да плаче). Верувам дека Димитриј ќе го прочита конечно, по милион инсистирања, „Петар Пан“, и ќе сфати што е убавината во него (а не само во игрите на компјутер), дека наскоро ќе почне да ги слуша Фолтин, а не Тони Зен. И дека ќе има сѐ повеќе и повеќе млади луѓе што ќе речат „НЕ“ на ајвар-политиката и ќе останат свои, паметни и независни, без да заземат која и да е од ајвар-страните; дека ќе се создадат добри, независни, паметни медиуми кои ќе пласираат содржини за луѓето што сакаат да се информираат, да читаат, да научат; дека ќе се прави добра музика, добри филмови и добри претстави.
Она што е ретко и вредно не смееме да дозволиме да изумре. Не мислете само на себе (бидејќи најверојатно си мислите „јас не сум ајвар и никогаш нема да бидам“), туку мислете и на вашите деца (на тие што ги имате односно што ќе ги имате)! Размислете, убаво размислете кога ќе треба да им ја посочите разликата помеѓу ајвар и шампањ. Што мислите, кога е најдобрата возраст, на 3, на 5 или на 9 години?
Уште размислувате??? Најдобрата возраст е сега! Веднаш! На 6 месеци или на 6 години, а дури и на 16 (никогаш не е доцна ако се знае како!). Сега, веднаш, во истиов момент! Бидејќи, ако се свртите околу вас и поубаво погледнете, ќе сфатите дека ајварот врши инвазија на сѐ, на целото општество и на вашиот сигурен и топол дом - и освојува!
Уште читате??? Аман, ајварот штотуку влезе во вашето дете!!! Сега сте вие на ред...

Забелешка: Ајварот и шампањот се исклучиво користени како синоними и се сосема случајно употребени во оваа приказна. Ајварот како ајвар – македонски производ од пиперки и шампањот како шампањ – француско вино, не се навистина виновни за ништо!!!

No comments:

Post a Comment

Share